Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц се брани од обвинувањата на неговиот поранешен пријател Томас Шмид, кој бара статус на крунски сведок, со снимка од телефонски разговор. Шмид, како што може да се види од протоколот на рочиштето, кој беше објавен во јавноста, го обвини Курц дека барал од него да ја преземе вината за аферата поврзана со проневера на пари во министерството за финансии.

Имено, станува збор за плаќање на лажни истражувања и реклами во корист на Народната партија на Австрија (ОВП) и Курц со пари на министерството за финансии, во кое Шмид беше генерален секретар. Шмид, барајќи статус на крунски сведок, тврдеше дека Курц наредил тоа да се направи на тој начин.

Курц ги отфрли сите тие обвиненија, а откако се огласи во јавноста на Фејсбук, неговиот адвокат му предаде на обвинителството снимка од телефонски разговор со Шмид, по покренатата истрага против нив.

На снимката која е направена на 18 октомври минатата година, ден пред средбата за која Шмид тврди дека Курц го принудил да ја преземе вината, тој вели дека Курц не дал налог за реклами и истражување, односно плаќање од буџетот на Министерството. Во тој разговор, Шмид ја обвинува Сабине Бејншаб, која работела во истражувачкиот институт Кармасин, дека издавала дупликат сметки.

Во тој разговор Курц неколкупати кажал дека не ја разбира приказната за исплата на истражувања и огласи од буџетот на министерството, бидејќи не ја дал како наредба, на што Шмид рече дека е измислена од Обвинителството.

Телефонскиот разговор, кој е сниман тајно, сега ја доведува во прашање изјавата на Шмид, кој упати обвинувања и кон други водечки политичари од редовите на ОВП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.