Бавната кампања за вакцинација во Европа покажа дека треба многу работи да се сменат во ЕУ, оцени денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Во интервју за швајцарскиот дневен весник „Ноје Цирихер Цајтунг”, Курц рече дека ЕУ неодамна изгубила многу кога е конкурентноста во прашање.

Нашите претходни пазари сè повеќе стануваат наши конкуренти. ЕУ функционира, во некои области, премногу бирократски – објасни тој.

Со цел ЕУ да остане конкурентна, смета Курц, потребни се побрзи процеси и помалку бирократија.

Тој рече дека неговиот главен приоритет е Австрија да остане конкурентна како економска земја што привлекува инвеститори, граѓаните да имаат работа и даночното оптоварување постепено да се намалува.

Спроведувањето на еколошка трансформација без уништување на работните места, вели тој, е клучен предизвик.

Кога станува збор за миграцијата, Курц рече дека неговиот став е дека успехот на интеграцијата зависи од бројот на луѓе кои треба да се интегрираат и дека ваквиот став повеќе не е, како што беше случајот во 2015 година, претежно десничарски, туку е мнозинска позиција во ЕУ.

Во тоа време, многу политичари ја пропагираа политиката на добредојде и отворени граници, а денес ЕУ инвестира во заштитата на границата и води се поодлучна борба против шверцерите на луѓе – нагласи Курц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.