Поранешниот австриски канцелар и поранешен лидер на владејачката Народна партија на Австрија (ОВП), Себастијан Курц во првото интервју по повлекувањето од политичката сцена ја отфрли можноста за враќање во политиката и тоа засекогаш.

За виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“, Курц ги отфрли гласините дека би можел да се врати на политичката сцена на претстојното собрание на ОВП, што е закажано за 14 мај.

Курц истакна дека не се радува на лажните гласини за негово враќање во политиката, на кои не се радувал ниту во текот на неговата политичка кариера.

Можам целосно да го исклучам трајното враќање во политиката. Почнав да се занимавам со политика на 16 години, станав државен секретар на 24 години, а оттогаш бев во владата цели десет години. Имав доволно порции политика – порача тој.

Курц додаде дека е среќен што може да и служи на земјата и дека сега е среќен што може да работи во економијата.

Тој најави дека ќе присуствува на собранието на ОВП со цел да му даде поддршка на канцеларот и лидер на партијата Карл Нехамер и неговиот нов тим.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.