Австрискиот канцелар Себастијан Курц порача дека е многу лут и разочаран поради тоа што голем број градоначалници во различни региони на Австрија, кои иако не беа на приоритетните листи, се вакцинирале против корона вирусот.

Во последниве денови, австриските медиуми објавија дека, на некои места, како дел од вакцинацијата на корисници на домови за стари лица, исто така, преку ред се вакцинирани и локални политичари, а се тврди и дека некои луѓе плаќале за вакцините.

Курц рече дека нема разбирање за градоначалниците кои се имунизирани со „преостанатите дози“ од вакцината, иако сè уште не им дошол редот.

Ако некој е вакциниран преку ред, тогаш тоа е морално разочарувачки. Доколку останат дози од вакцината, важно е тие да се дадат брзо. Но, тие треба да им се даваат на постарите луѓе, а не на политичарите, нивните жени и регионални истакнати личности – истакна Курц.

Тој најавува дека во иднина Министерството за здравство ќе го интензивира барањето на документација за вакцинирање, со цел да се запре злоупотребата и да се спречи некои да се туркаат преку ред.

Во провинциите Ворарлберг, Тирол, Каринтија, Горна Австрија и Долна Австрија, како и Виена, преостанатите дози на вакцината не им биле дадени на стари лица или медицински персонал, туку на политичари, општински службеници и нивни роднини.

По седницата на Владата, вицеканцеларот Коглер ги повика покраините веднаш да реагираат и веднаш да се прекине ао таквата практика. Тој исто така апелираше до гувернерите на провинциите остро да реагираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.