Австрискиот канцелар Себастијан Курц оцени дека последиците од коронавирусот ќе се чувствуваат многу месеци и по борбата со пандемијата и дека светот ќе изгледа сосема поинаку поради овие настани.

Тој го критикуваше недостигот на соработка меѓу државите.

Гледаме дека во Европа нема солидарност кога заканата станува сериозна и тоа ќе доведе до многу дискусии по кризата, смета Курц. Вирусот ќе има долгорочен ефект врз тоа како се однесуваме едни со други и како живееме, колку сме претпазливи. Исто така, и ефектите на глобализацијата ќе се анализираат се повеќе, рече тој.

Курц во интервју за „Кроне.тв“ рече дека ќе биде потребно „многу, многу долго време“ за Австрија да се врати во нормала.

Објасни дека најмалку четири недели училиштата ќе бидат затворени.

Канцеларот истакна и дека вирусот има неверојатно влијание врз економијата и затоа, треба да се вложат сите напори за поддршка на претприемачите и за обезбедување на работните места.

Тој им се заблагодари на граѓаните на Австрија што ги почитуваат владините мерки. Засега, вели, нема план за понатамошно заострување на мерките.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.