Кубанскиот Парламент одобри серија закони за проширување на граѓанските права, во време кога комунистичката земја е на удар на критиките за задушување на протестите на почетокот на оваа година.

Уставот од 2019 година, што повикува на реформи за модернизирање на кубанското судство и казнениот законик, е извор на промените.

Кубанските пратеници и судии сметаат дека новите закони ја зголемуваат заштитата на обвинетите за сторени кривични дела, како и дека ќе придонесат за подобрување на транспарентноста.

Активистите бараат обвинетите да бидат информирани за можните обвиненија против нив, а приведените да добијат право на адвокат во рок од 24 часа.

Новиот закон, исто така, им овозможува на граѓаните пристап до судските списи и документи поврзани со нивните случаи.

Кубанскиот адвокат и правен аналитичар Елој Виера, кој живее во Канада, нагласи дека законите се голем чекор напред во консолидирање на правата на граѓаните и нивните права на суд.

Овој закон нуди повеќе гаранции и е повеќе во согласност со меѓународните стандарди отколку сегашните регулативи – вели Виера.

Професорот на Американскиот универзитет во Вашингтон, Вилијам ЛеоГранде, пак, смета дека начинот на кој ќе се спроведуваат овие закони ќе одреди дали Кубанците ќе доживеат значителни промени во нивните законски права или не.

Законите сè уште на службените лица им даваат одредени дискрециони права и само времето ќе покаже како тие ќе ја користат, особено во политички случаи – истакна ЛеоГранде.

Неистомислениците и организациите за човекови права предупредуваат дека повеќе од 1.000 граѓани се уапсени по јулските протести. Тие тврдат дека некои биле приведени без обвинение, комуникација и застапување од адвокати.

Кубанската Влада наведува дека уапсените во јули се виновни за кривичните дела, вклучувајќи ги и нарушување на јавниот ред, отпор при апсење и вандализам.

Новите донесени закони се очекува да стапат на сила во 2022 година, но правниот аналитичар Виера посочува дека најверојатно нема да бидат ретроактивни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.