Куба соопшти дека почнала да ја извезува во Виетнам својата вакцина против корона вирусот „Абдала“, која се дава во три дози. Станува збор за првата пратка во рамките на договорот за испорака на пет милиони дози во таа земја.

Кубанските научници развија три домашни вакцини против Ковид-19 и чекаат да добијат официјална потврда од Светската здравствена организација.

Државната фармацевтска корпорација „Биокуба Фарма“ објави информации за извозот на „Твитер“, откако претходно оваа недела соопшти дека произвела доволно вакцини за да ја исполни целта за имунизација на повеќе од 90 проценти од локалното население до средината на ноември.

„Биокуба Фарма“ верува дека може да произведува 100 милиони дози од вакцините „Абдала“, „Соберана 2“ и „Соберана плус“ годишно. Компанијата тврди дека вакцината го намалува ризикот од сериозни болести или смртност за околу 90 проценти.

Потпретседателката на корпорацијата, Мајда Маури, изјави дека, откако ќе се постигнат целите за снабдување во земјата, ќе почне испораката на вакцини во други земји, вклучително и Иран и Венецуела.

Разговараме за регулаторни прашања со Аргентина и со други земји во различни региони во светот – истакна Маури.

Иран веќе почна со производството на вакцината „Соберана-2“.

Виетнам, Аргентина и Мексико изразија надеж дека наскоро ќе ги произведуваат кубанските вакцини, додека многу земји користат други кубански лекови за третирање на Ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.