Британските работодавачи во мај во постојан работен однос примиле најмногу вработени, откако се собираат такви податоци од крајот на 90-тите. Тоа е уште еден показател дека економијата се опоравува од пандемијата на Ковид-19.

Растот на привремени работните места исто така е зголемен на највисоко ниво во последните шест години.

Сега имаме подоследна слика за последните неколку месеци што покажува дека расте довербата и дека се почнати планови за вработување – изјави заменик-извршниот директор на британската агенција за вработување (РЕЦ), Кејт Шосмит.

Почетните плати минатиот месец се зголемиле со највисока стапка од септември 2018 година, бидејќи нагло се намалила достапноста на персоналот, што РЕЦ го припишува на несигурноста околу пандемијата и помалку кандидати од ЕУ.

Со зголемувањето на побарувачката, недостигот на вештини и работна сила што веќе постоеше во Велика Британија стана поизразен, а ковидот само ги влоши. Ова е моментално најгорливиот проблем на пазарот на трудот и може да го забави закрепнувањето – вели Шосмит.

Минатиот месец, Банката на Англија ги намали проценките за невработеност, кои достигнаа ниво од 5,4 проценти во третиот квартал, по што министерот за финансии Риши Сунак, ја продолжи програмата за заштита на работните места до крајот на септември.

Британската програма за заштита на работните места досега чинеше повеќе од 60 милијарди фунти (85 милијарди долари).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.