Кремљ денеска ги осуди плановите на Европска Унија за формирање на Трибунал за воени злосторства поради руската инвазија врз Украина, истакнувајќи дека такво тело би било нелегитимно и неприфатливо за Москва.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вчера најави дека ЕУ ќе се обиде да формира специјален суд, со поддршка на Обединетите нации, за да ги истражи и гони евентуалните воени злосторства извршени од руските сили во Украина.

Што се однесува до обидите да се формира некаков суд, тие нема да имаат легитимитет, нема да прифатиме и ќе го осудиме тоа, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Западот и Киев се залагаат за формирање на специјален суд за кривично гонење на руските воени и политички лидери кои ги смета одговорни за војната, како и за сторителите на воени злосторства.

Русија негира дека извршила воени злосторства и ги обвини украинските сили за кршење на меѓународното право и Женевските конвенции за време на, како што Москва ја нарекува својата „специјална воена операција“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.