Многумина во светот се прашуваа како 94-годишната британска кралица Елизабета Втора успева да стигне да присуствува на многубројни кралски приеми и настани. Од каде има толку енергија да трча од прием на прием? Само лани Елизабета имала 295 настани.

Сепак, постојат луѓе коишто ги менуваат познатите личности при нивно појавување во јавноста односно дублери, кои популарно се нарекуваат и „клонови“. Многу големи славни лица на настаните на кои не успеваат да учествуваат, ги испраќаат своите дублери, т.е. луѓе што им се физички многу слични. Понекогаш тие и се штитат на овој начин, кога не сакаат да се појават некаде, затоа што процениле дека може да се најдат во опасност.

Како што објави „Би-би-си“, такво нешто прави и кралицата Елизабета, но на малку поинаков начин. Во нејзиниот случај, не постои личност која повремено ја менува кралицата и се преправа дека е вистинската Елизабета, но постои жена која физички наликува на неа и барем малку ги олеснува работите на кралицата. И тоа го прави веќе цели 30 години.

Таа ја заменува на пробите за кралските настани. Кралицата се занимава со важни работи, се појавува само таму каде што мора, па за нејзините генерални проби е задолжена 62-годишната Ела Слак, која со фигурата и изгледот навистина потсетува на кралицата.

Досега ѝ бев замена повеќе од 50 пати. Не изгледам потполно исто како неа, но имаме иста висина и држење на телото, а имаме и слична фризура – вели Ела за „Би-би-си“.

Ела, вели дека за оваа работа била ангажирана случајно, додека била во посета на „Би-би-си“. Тие ја снимале кралицата, но бидејќи сонцето ѝ удирало во очите, Ела добронамерно се понудила да ја замени за да можат да го снимат кадарот. И така почнала нејзината „кралска приказна“, еден ангажман водел кон друг, а Ела можела да се чувствува како вистинска кралица.

Ела се возела во кочијата на кралицата и присуствувала на генералната проба за отворањето на парламентот. Како што вели Ела, најважното нешто е цело време да се следи строгиот кралски протокол.

Сепак, Ела никогаш не смее да се приближува до едно место, кое и припаѓа само на Елизабета.

Не ми е дозволено да седам на престолот на кралицата. Можам само да застанам покрај него. Тоа е многу строго правило – вели Ела.

Таа никогаш не прифатила плата за своите услуги за „менување на кралицата“. Ела ја опишува својата работа како „задоволство и чест“.

Настаните во кои учествував се настани што се емитуваат низ целиот свет, ги гледаа милиони луѓе. Јас секогаш ги следам на телевизија и знам дека ќе ја видам кралицата и ќе помислам „јас и помогнав“ – вели Ела и напоменува дека таа не е „лук а лајк“ на кралицата, туку „стенд-ин“.

Тоа значи дека таа не ја извршува оваа улога заради физичката сличност, туку ја менува кралицата заради практичноста, со цел да ѝ го зачува скапоценото време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.