Едно од ретките места во светот без коронавирус, Маршалските Острови, ги забележа првите два случаја на зараза.

Властите на тој пацифички архипелаг соопштија дека двајца работници од САД се позитивни на коронавирус откако вчера пристигнале од Хаваи.

Заразените допатувале на островот со воен лет и од моментот кога дознале дека се позитивни на Ковид-19 тие се ставени во карантин. И двајцата се асимптоматски случаи.

Во Бразил денеска се потврдени 510 починати од коронавирус и 28.629 нови случаи, соопшти Министерството за здравство. Во земјата од почетокот на пандемијата се заразени речиси 5,5 милиони луѓе, а починале вкупно 158.456 лица.

Индија денеска со 49.881 новозаразени ја надмина бројката од осум милиони случаи на инфекција. Таа и понатаму се наоѓа на второ место во светот според бројот на заболени од Ковид-19, веднаш по САД, каде се потврдени 8,8 милиони заразени лица.

Во изминатите 24 часа во Мексико се регистрирани 5.595 нови случаи на коронавирус, а починале уште 495 луѓе, со што бројот на смртни случаи од последици на Ковид-19 достигна 90.309. Од почетокот на епидемијата во земјата се заразени 906.863 лица.

Во Кина во изминатото деноноќие се потврдени 47 нови случаи на коронавирус, што е најголем број за повеќе од два и пол месеци, соопштија здравствените власти во земјата. Од почетокот на пандемијата во Кина се регистрирани 85.915 заразени и 4.634 починати лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.