Околу 120 лица се позитивни на Ковид-19 откако биле во норвешки ресторан каде се одржувал корпоративен настан кој станал жариште на инфекцијата, јавува телевизијата „НРК“, додавајќи дека постои сомневање дека половина од случаите се поврзани со сојот омикрон.

Норвешкиот национален здравствен институт „FHI“ во саботата потврди 13 случаи на омикрон после вечерата минатата недела.

Од вкупно 120 луѓе кои биле во ресторанот, 70 од нив присуствувале на настанот. Двајца посетители неодамна биле во Јужна Африка.

Останатите 45 до 50 случаи го посетиле ресторанот истиот ден. Властите ги повикуваат сите кои исто така ја посетиле локацијата од 26 ноември да се пријават.

Според податоците на „FHI“ од саботата, Норвешка има вкупно 19 случаи на сојот омикрон, вклучително и четири лица кои неодамна пристигнале од Јужна Африка.

Омикрон брзо се шири и во Данска

Омикрон, сојот за која се уште нема согласност дали е поопасен од претходниот, забрзано се шири во Данска. Тамошниот здравствен институт „SSI“ објави 183 потврдени случаи во неделата.

Во Обединетото Кралство, во неделата беа откриени 86 нови случаи на инфекција со омикрон, со што вкупниот број се искачи на 246, а оваа варијанта е потврдена во 15 американски држави.

„Знаеме дека имаме десетици случаи (со омикрон) и внимателно ги следиме. И секој ден слушаме сè поверојатни случаи, така што тој број веројатно ќе расте“, вели директорката на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Рошел Валенски за „ABC News“, пренесува „Ројтерс“.
Сепак, таа истакна дека во САД сè уште преовладува делта сојот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.