Ковид-сертификатите стапуваат на сила денес на ниво на целата Европска унија, за време на летните одмори во Европа, но поинтензивната делта варијанта на коронавирусот веќе се заканува да ја намали нивната употреба.

Документот на ЕУ, т.е. „QR“-кодот достапен во дигитална форма на паметните телефони или во хартиена форма, покажува дали патникот е вакциниран со една од вакцините одобрени од ЕУ (БиоНТек/Фајзер, АстраЗенека, Модерна или Џонсон и Џонсон), дали има заболено од ковид- 19 или има негативен тест за коронавирус.

Сертификатот служи за да се избегне потребата од карантин и понатамошно тестирање за време на патувањето помеѓу 27 земји-членки на ЕУ и придружните европски земји.

Одлуката на Германија го налути Брисел

Комесарот на ЕУ за правда Дидие Рејндерс рече дека очекува сите членки на ЕУ да бидат поврзани до четврток. Само Ирска, чиј здравствен систем претрпе сајбер-напад во мај, ќе доцни со воведувањето.

До средата, 21 членка на ЕУ го прифати сертификатот, вклучително и водечките туристички дестинации – Франција, Шпанија, Италија, Грција и Хрватска.

Препорачуваме на сите земји-членки да ја користат оваа алатка не само за слободно движење (…), туку и за секоја можна национална употреба и за други цели: за одење на концерти, фестивали, театри, ресторани – рече Рејндерс.

Но, наглиот пораст на делтата варијанта, најпрво откриен во Индија, а сега проширен кон поранешната членка на ЕУ, Велика Британија, може да предизвика одредба „сопирачка за итни случаи“ со која се суспендира прифаќањето на сертификатот.

Германија веќе објави забрана за влез на патници од Португалија, каде делта варијантата стана доминантна. Ослободени се само германските граѓани и жители, кои по враќањето во Германија мора да бидат ставени во карантин од две недели.

Одлуката на Берлин го налути Брисел, а Рејндерс рече дека „треба да се избегнуваат забрани за патување во рамките на ЕУ“ и истакна дека Германија треба прво да се консултира со партнерите.

Делта варијанта

Неверојатниот пораст на инфекции со делта варијанта во Велика Британија, која има двонеделна стапка на инфекција повеќе од седум пати поголема отколку во ЕУ, предизвикува длабока загриженост на континентот.

На самитот на ЕУ во текот на минатата недела, германската канцеларка Ангела Меркел ги критикуваше земјите на југот на ЕУ, кои ги повикуваат туристите, за тоа што им дозволија на Британците да влезат со минимални ковид-проверки.

Португалија, Шпанија и Малта нагло ги зголемија ограничувањата за патниците од Велика Британија, а од оваа недела и бараат целосна вакцинација за влез.

Покрај сертификацијата на ЕУ, Брисел ги повикува сите земји-членки да дозволат влез само на целосно вакцинирани патници надвор од блокот или на оние со итни причини.

Но, ова е само препорака што, за разлика од сертификатот, може да се игнорира.

Дури и ЕУ-сертификатите можеби не се она за што сите се надеваат.

Нема сомнение дека туристичката индустрија може да добие поттик за време на летната сезона – објави „Capital Economics“.

Но се предвидува дека сертификацијата на ЕУ „ќе има многу мало влијание врз европскиот туризам оваа година“, истакнувајќи дека „повеќето возрасни лица не се целосно вакцинирани, а луѓето и владите се повеќе претпазливи за варијантата делта“.

Авиокомпаниите загрижени

Авиокомпаниите собрани во групата „А4Е“ изразија загриженост дека „неконзистентен пристап“ меѓу земјите на ЕУ при верификација на сертификатите може да создаде долги редици на аеродромите со потенцијал за „создавање нови закани по здравјето“.

Тие повикуваат на проверка на сертификати преку Интернет пред патниците дури и да пристигнат на аеродромот.

Рејндерс им рече дека Европската комисија е подготвена да помогне во техничката имплементација, но истакна дека има еден ЕУ-сертификат наместо 27 национални, што во голема мера го поедноставува патувањето во блокот.

Владите на ЕУ се обидуваат да ја балансираат желбата на јавноста за летни одмори по тешката година на ограничувања со трката за вакцинација и делта варијантата.

Статистичките податоци на „АФП“, кои ги собираат официјалните здравствени податоци од целата Унија, покажуваат дека 50,4 проценти од населението во блокот примиле барем една доза од вакцината (споредено со 65,7 проценти во Велика Британија).

Досега, 32,7 проценти од населението во ЕУ се целосно вакцинирани.

Ковид-експертите верувааат дека имунитетот на колективно стадо може да се постигне со целосно вакцинирање на 70 проценти од популацијата, но сега проценуваат дека ќе бидат потребни 80 проценти или повеќе, со оглед на делта инфекциите и фактот дека вакцините се помалку ефикасни против таа варијанта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.