Шпанија полека го гледа светлото на крајот од тунелот. Иако, процентуално по бројот на заболени на еден милион жители ја надмина и Швајцарија, трет ден по ред пријавува помал број на починати од корона вирусот. Ригорозните мерки со кои властите ги убедија Шпанците да останат дома, полека го даваат резултатот. Но, познавајќи ја веселата природа на својот народ, премиерот Санчез, одлучи сепак да им го продолжи карантинот до 25-ти април.

 

Потребно ни е повеќе време, и над се, мора да го продолжиме колективниот напор кој веќе ги даде првите резултати. Ова се тешки денови за сите. Денови кои го тестираат нашето трпение со тоа што сме изолирани дома. Инсистирам да видиме како ќе се развиваат податоците, но да, гледаме светло на крајот од тунелот, во одно на контролата и поразот на пандемијата, сооптши премиерот на Шпанија, Педро Санчез.

Италија, која е најпогодена од болеста, полека почнува да се опоравува, а кривата на заболени веќе неколку дена се движи надолу. Во Ломбардија задолжително е носење маска, во спротивно казната е 400-тини евра. Но, оваа земја загуби многу од првите борци. Уште двајца доктори починаа денеска, со што бројаката за починати доктори достигна 80, а заболени се над 11 илјади.

Германија веројатно најдобро се справува со КОВИД 19, велат стручњаците. Бројот на заболени се зголемува, но не и бројот на починати. Логиката тука е масовно тестирање, па така 400-тини здравствени работници одат до домовите на луѓето, дури и во руралните области, и земаат брисеви. 250 лаборатории ги обработуваат тестовите кои на неделно ниво се движат дури до 300 илјади.

Сончевиот викенд ги излажа Британците, кои одбија да ја почитуваат мерката за седење дома. Сите се излезени по парковите, а властите се заканија дека ќе забранат и движење по отворените места, бидејќи однесувањето на луѓето станува ризично.

Проблемот кога излегувате надвор, не е само што можете директно да комуницирате со некој поблиску од два метра. Туку, кога го правите тоа, може да го пренесете вирусот преку допирање на нешто, кое ќе го допре некој друг. Или може така да се заболите, предупредува министерот за здравство Мет Хенкок.

Властите предупредуваат дека и покрај преземените мерки бројот на починати може да достигне 20 илјади. Врвот на болеста не е достигнат, а докторите веќе немаат празни кревети. Опремата за нив недостасува, купуваат ќеси за отпад за да се заштитат додека по 13 часа се грижат за пациентите.

Со над 300 илјади инфицирани на Америка и се ближат најтешките две недели. Ќе има многу починати, рече претседателот Трамп. Здравството во најпогодениот милионски град Њујорк веќе колабира. Една од најголемите болници во цела Америка, њујоршката Маунт Синаи, почна да бара донации – секој може да го избере што ќе подари- од ручек на лекар или медицинска сестра, вечера за целиот оддел, до кутија ракавици или респиратор.

На Балканот, Грција е најпогодена од коронавирусот, но и тука бројот на починати се намалува. Зад неа е Србија, со над 1.600-тини заразени, од кои 60 се војници кои биле ангажирани за прием на луѓето кои пристигнувале од странство. Регионот се уште го чека врвот на болеста, затоа мерките за седење дома остануваат да важат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.