Меѓународната асоцијација на авиокопревозници (IATA) проценува дека епидемијата на коронавирусот ќе го намали целогодишниот број на продадени билети во азиско-пацифичкиот регион за 13 проценти, намалувајќи ги приходите на авиокомпаниите за 27,8 милијарди долари.

Во соопштението се вели дека наместо претходно проектираниот раст на прометот од 4,8 проценти во регионот, всушност ќе дојде до нето намалување на бројот на патници за 8,2 проценти.

Поголемиот дел од загубите ќе ги сносат кинеските авиокомпании, кои само на домашни летови потенцијално ќе изгубат 12,8 милијарди долари.

Во декември, IATA предвидувала дека растот на побарувачката за услуги на авиокомпревозниците на светско ниво ќе достигне 4,1 процент, а глобалната индустрија во текот на 2020 година ќе превезе 0,6 проценти помалку патници отколку минатата година.

Сите проекции на меѓународната организација се засноваат на достапните податоци и дека COVID-19 вирусот ќе има слично влијание на авиокомпаниите како и вирусот САРС кој го загрози регионот во текот на 2003 година.

Проекциите се засноваат и на претпоставки дека избувнувањето на епидемијата ќе остане изолирано во Кина, а доколку болеста се рашири драстично, се предвидуваат уште поголеми загуби.

Според најновите расположливи податоци, коронавирусот COVID-19 заразил повеќе од 76.000 луѓе само во Кина, при што над 2.200 лица подлегнаа на таа болест.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.