Последните податоци на Европската комисија покажуваат дека под влијание на здравствената криза и забавената економија, потрошувачите во ЕУ консумираат поодржливи производи, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија спровела анкета кај граѓаните на ЕУ од почетокот на кризата со Ковид-19 за нивните потрошувачки навики.

Резултатите покажуваат дека тие се значително се смениле и дека потрошувачите се свртеле кон поеколошки производи, како и кон локалното производство. Граѓаните биле подготвени да платат поскапо за производи кои траат подолго.

Над 70 отсто од граѓаните купувале преку интернет во 2020, а 38 отсто биле загрижени дали ќе можат да ги платат сметките на крајот на месецот. Осумдесет отсто откажале патување во странство сѐ додека не се врати ситуацијата во нормала.

Нешто помалку од две третини од граѓаните изјавиле дека прашањата поврзани за животната средина ги одредиле нивните потрошувачки избори, додека 81 отсто од потрошувачите се свртеле кон локални бизниси блиски до нивниот дом.

-Пандемијата остави свој белег врз потрошувачите, изјави еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, коментирајќи ги резултатите од анкетата.

Тој истакна дека е позитивно што 56 отсто од граѓаните внимаваат на животната средина кога купуваат нешто.

Овие резултати ќе се дебатираат в понеделник на Светскиот ден на потрошувачите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.