Италијанскиот премиер Џузепе Конте оцени дека Европската унија ризикува да не успее како проект во кризава поради корона вирусот.

Тој во интервју за Би-Би-Си рече дека ЕУ мора да дејствува на адекватен и координиран начин за да им помогне на земјите што се најтешко погодени од коронавирусот.

Според него, ЕУ треба да се соочи со предизвикот, кој го карактеризира како „најголемиот тест по Втората светска војна“.

Италија и другите земји од ЕУ се обидуваат да ја убедат Унијата да издаде таканаречени „корона обврзници“, односно сите земји да прифатат распределување на отплата на долг.

Ако не искористиме шанса да донесеме нов живот во европскиот проект, ризикот од колапс е реален – рече тој.

Италија е најтешко погодената европска земја од вирусот.

На Италија и била испратена медицинска помош од Кина, Куба и Русија, а на прашањето дали руската помош е условена од Италија, можеби со поддршка од Рим за укинување на санкциите за Москва, Конте одговара дека ваквите инсинуации се длабоко навредливи за него.

Тоа е навреда за италијанската Влада и исто така за Владимир Путин кој никогаш не помислил да го искористи тоа како предност – рече Конте.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.