Вработените на американската ИТ компанија „ГоДеди“ (GoDaddy) пред Божиќните празници добиле мејл од нивниот работодавец дека со платата ќе добијат бонус од 650 долари.

Работодавачот во пораката навел дека оствариле рекорден приход и значителен раст во текот на оваа година и дека сака да ги награди. Во пораката, нивните претпоставени побарале од нив да испратат одредени лични информации, вклучувајќи ја и локацијата каде што се наоѓаат во моментот.

Израдувани од таквите вести, вработените ги испратиле податоците по што следувал студен туш за нив. На вработените им било кажано дека паднале на фишинг тестот на компанијата и дека наместо пари ќе добијат курс за компјутерска безбедност.

Ваквиот одговор ги шокирал вработените, а приказната брзо заврши на Твитер и во медиумите. Повеќето корисници на Твитер се согласуваат дека ваквиот третман на вработените е многу суров, особено во време на пандемија, кога многу луѓе се борат за егзистенција.

Компанијата наскоро се јавила со извинување до вработените за суровиот тест.

Ние ја сфаќаме безбедноста многу сериозно во нашата компанија, но разбираме дека многумина го сфатија ова како сурово тестирање. Во иднина, ќе бидеме повнимателни со нашите вработени – објавија од компанијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.