Командантот на украинскиот националистички баталјон „Азов“, Денис Прокопенко, и неговиот заменик, Свјатослав Паламар – Калин, станаа прилично експонирани откако битките во Мариупол се сведоа на челичарницата „Азовстал“, каде што украинските сили се забарикадирани и скриени во подземните простории на индустрискиот комплекс.

Тие двајцата, честопати се обраќаа до јавноста преку видео пораки на социјалните мрежи во кои известуваа за состојбата во челичарницата и за борбите со руските сили во Мариупол.

Во последните денови и двајцата испраќаат очајнички апели до светот да се организира евакуација и извлекување на нивните војници од „Азовстал“, каде што се блокирани со резерви на храна и муниција што се при крај.

Веќе неколку дена непријателот навлегува на територијата на челичарницата. Се водат тешки, крвави битки. Му благодарам на целиот свет за големата поддршка на борците од Мариупол. Ситуацијата е исклучително тешка – вели Прокопенко во својата последна видео порака.

Со оглед на тоа дека руската армија истовремено го бомбардира Азовстал, заедно со силите од Донбас и чеченските борци, коишто, според последните извештаи, успеале да навлезат во областа на големата фабрика за челик, ако не и во обемната мрежа од подземни тунели каде што се кријат војниците на Прокопенко, ова обраќање може да биде неговата последна порака.

Да потсетиме, руските сили продолжија со насилните напади врз Азовстал веднаш откако неколку стотици цивили беа евакуирани со хуманитарни конвои.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.