По денешниот настан, во кој германската полиција објави дека спречила група десничари да извршат државен удар во Берлин, се наведе дека меѓу уапсените се двајца лидери на движењето Рајхсбиргер (Граѓани на Рајхот), кое полицијата долго време го следи поради ширење теории на заговор, отфрлање на федералната република и насилни напади.

Целта на оваа група е да ја преземат власта и да воспостават нов систем, базиран врз германската држава од 1871 година.

Во 2020 година, тогашниот германски министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, забрани фракција на ова екстремно десничарското движење, група која го негира постоењето и авторитетот на модерната германска влада.

Во март 2020 година, над 400 полицајци извршиле рации во домовите на 20 водачи на групата. Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицајците нашле пиштоли, безбол палки, пропагандни материјали и помали количини наркотици, јави Дојче веле.

Движењето Рајхсбиргер, или Царското граѓанско движење, го негира постоењето на Сојузна Република Германија, демократската држава која беше основана во земјата по Втората светска војна и владее и денес. Групата верува дека Германската империја продолжува да постои, со земјата и териториите што ги држеше пред Втората светска војна.

Тие одбиваат да плаќаат даноци и прогласуваат мали „национални територии” на своите имоти кои ги нарекуваат „Втора Германска Империја“, „Слободна пруска држава“ и „Војводство Германија“.

Членовите на овие групи печатат пасоши и возачки дозволи на самопрогласените држави, а прават и маици и знамиња со кои ги рекламираат истите. „Граѓаните на рајхот” едноставно го игнорираат фактот дека таквите активности се нелегални и не се признаени од било кои германски власти. На своите интернет страници тие гордо ја најавуваат нивната намера „да ја водат борбата против Сојузна Република Германија“.

Германските власти ја следат групата за неуставни активности од 2016 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.