Канада забрани извоз на беспилотни летала во Турција откако констатира дека опремата ја користеле азербејџанските сили кои се борат против Ерменија во Нагорно Карабах.

Министерот за надворешни работи на Канада, Марк Гарно, изјави дека таквата употреба не е во согласност со канадската надворешна политика, како и со уверувањата дадени претходно од Турција и додаде дека тој изразил загриженост во разговорот со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Официјална Отава ги суспендираше дозволите минатиот октомври за да може да ги разгледа обвинувањата дека азербејџански беспилотни летала користени во конфликтот биле опремени со системи за снимање и таргетирање изработени од канадската подружница на компанијата „Л3Харис Технолоџис“.

По повод оваа одлука, Министерството за надворешни работи на Турција потврди дека Чавушоглу ја повикал Канада да ги преиспита ограничувањата на одбранбената индустрија и изразил загриженост за ставот на земјата во однос на извозот во Турција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.