Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц вети дека ќе си ја врати работата откако му беше изгласана недоверба на почетокот на оваа недела.

Најмладиот канцелар досега во земјата многумина го сметаа за „чудо од дете“, но по вмешаноста во скандалот што го зафати коалициониот партнер на Курц, поранешниот заменик Ханс-Кристијан Страче, канцеларот беше отстранет од функцијата.

За време на парламентарната сесија на која на Курц и на неговата влада им беше изгласана недоверба, тој се појави пред парламентот за да им се обрати на своите поддржувачи, кои таму беа собрани во огромен број, исчекувајќи го исходот од гласањето.

Сите ние сме ангажирани во Народната партија, бидејќи имаме јасна цел, а тоа е да ѝ служиме на нашата земја – рече тој, барајќи од Австријците да ја поддржат владата која ќе ја води земјата до изборите во септември.

Бараме поддршка од народот. Денес парламентот одлучи, но на крајот од денот во септември луѓето ќе одлучат во демократија, и со нетрпение го очекувам тоа- додаде тој.

Гласањето недоверба следеше откако во јавноста се појави видео на кое се гледа како Страче нуди државни договори во замена за финансиска поддршка. Тој поднесе оставка, но ја отфрли вината во ситуацијата. Видеото доведе и до распаѓање на владината коалиција.

Сепак, Курц и понатаму е многу популарен во Австрија, а неговата партија освои голем дел од гласовите на европските избори, поради што се очекува тој да постигне голем успех и на изборите во септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.