Њујоршката порота го прогласи режисерот и сценарист награден со Оскар, Пол Хагис, одговорен за силување на публицистка во неговиот стан на Менхетен во 2013 година.

Судот му наложи плаќање на 7,5 милиони долари отштета во граѓанската постапка.

Пресудата е донесена по 15-дневното судење на државниот суд на Менхетен. Хејли Брист навела во тужбата од 2017 година дека Хагис, познат по сценаријата за филмовите „Million Dollar Baby“ и „Crash“ ја силувал откако ја присилил да му се придружи во неговиот стан по премиера на филм. Брист е една од четирите жени кои јавно го обвиниле Хагис за недолично сексуално однесување, но тој ги негирал ваквите обвиненија.

Адвокатката на Хагис рекла дека судењето не било фер бидејќи судијата дозволил изјави од други жени кои го обвиниле сценаристот, но никогаш не презеле ништо против него.

-Го употребија ова за да ја искриват вистината, да го убијат ликот на господин Хагис, да го отсликаат како чудовиште и ја користат стратегијата „каде има чад, има и оган“, рекла неговата адвокатка.

За потсетување, во јуни Хагис беше уапсен од страна на италијанските власти кои го држеа во притвор повеќе од 2 недели под обвинение за сексуално злоставување и нанесување тешки повреди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.