Дигиталните зелени сертификати кои треба да станат оперативни во ЕУ до почетокот на летото, ќе бидат издадени за сите вакцини против Ковид-19, а такви ковид пасоши ќе може да поседуваат и државјаните на трети земји.

Европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс, во дебата пред Комитетот за слободи и правда на Европскиот парламент, изјави дека главната цел на дигиталните зелени сертификати е да се олесни слободното движење во ЕУ и да им се помогне на граѓаните да го вратат своето право на слободно патување на начин кој е прилагоден на здравствената ситуација.

Европската комисија предложи дигиталните зелени сертификати да бидат проширени на државјани на трети земји кои живеат или патуваат легално во ЕУ. Со текот на времето, европските зелени сертификати треба да станат интероперабилни со меѓународни стандарди. На среден рок, системот треба да се усогласи. така што сертификатите издадени од трети земји автоматски се прифаќаат во ЕУ – изјави Рејндерс.

Тој пред Европскиот парламент порача дека сите граѓани на ЕУ ќе добијат ист третман кога ќе бидат укинати ограничувањата за патување и дека ќе бидат издадени сертификати за сите вакцини, без оглед дали се одобрени од ЕМА или не.

Земјите-членки ќе бидат обврзани да прифаќаат вакцини кои не се одобрени на ниво на ЕУ и тие ќе можат слободно да ги прифаќаат сите други вакцини – изјави Рејндерс.

Во Брисел, тие нагласуваат дека дигиталните сертификати не се „пасоши за вакцинација“, туку дека тие подразбираат три вида сертификати што ќе бидат издадени во дигитална или хартиена форма и ќе се однесуваат на доказ за вакцинација против Ковид-19, негативен тест или доказ за постоење на антитела.

Се наведува дека сертификатите ќе се издаваат бесплатно, дека планот е да стапи на сила до почетокот на летото и дека тие ќе бидат суспендирани кога СЗО ќе означи крај на пандемијата.

Кога пандемијата ќе биде зад нас, нема да има потреба од сертификати, но инструментот, кој сега го воведуваме, ќе биде задржан во случај да мора повторно да се активира поради нова пандемија – изјави Рејндерс.

Тој изјави дека дигиталните сертификати можат да се користат само за слободно движење и дека секоја друга употреба на национално ниво мора да биде законски утврдена, пропорционална и недискриминаторска.

За да стапи на сила предлогот на Европската комисија за воведување дигитални зелени сертификати, тој треба да биде поддржан од Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.