Тим на експерти од Светската здравствена организација (СЗО) пристигнаа во Вухан, градот што се смета дека е почетната точка од каде почна да се шири корона вирусот. Целта на посетата е испитување на потеклото на вирусот.

Официјален Пекинг првично не се согласуваше со намерата на СЗО да го испрати својот тим во Вухан, но експерти, сепак, добија дозвола за работа на терен.

Веста за влезот на тимот на СЗО во Вухан ја објави и кинеската државна телевизија, која соопшти дека експертите ќе поминат околу еден месец во тој град, период во кој се смета и карантинот од две недели.

Тимот е предводен од Петр Бен Ембарек, водечки експерт на СЗО за болести на животни кои се шират и на други видови, а го сочинуваат 10 независни експерти. Виетнамскиот биолог Хунг Нгуен, кој е дел од тимот, за „Ројтерс“ вели дека не очекува ограничувања на работата на групата во Кина.

По завршувањето на карантинот, тимот ќе помине две недели испитувајќи луѓе од истражувачки институти, болници и пазари на морски плодови во Вухан, каде се верува дека се појави новиот патоген – вели Хунг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.