Од утрово, во Република Кипар е воведен двонеделен строг карантин, со полициски час од 21 часот, а затворени се сите продавници, угостителските објекти, фризерските салони, фитнес центрите, театрите, воведена е забрана за собири и задолжително испраќање смс пораки за движење, само еднаш дневно, додека пак литургиите во црквите се без присуство на верници, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите мерки беа донесени на владината седница минатата седмица, а причината е зголемениот број новозаразени и притисокот врз здравствениот систем.

Карантинот ќе трае до 10 мај, кога одново ќе се отвори се што е затворено, но ќе постојат посебни правила за местата каде што има собирања (ресторани, фитнес центри, малопродажба, театри, итн.), каде што посетителите ќе мора да имаат или негативен брз тест или ПЦР тест валиден 72 часа или да бидат вакцинирани најмалку со една доза и да поминале три седмици или да прележале Ковид-10 во последните три месеци.

Вчера, од 56.862 тестови беа потврдени 773 случаи (1,36 отсто), со што бројот на заразени во земјата се зголеми на 62.349, а од почетокот на пандемијата починаа вкупно 298 лица.

Во однос на процесот на имунизација, согласно официјалните податоци од Министерството за здравство на Кипар, заклучно со 23 април биле спроведени 236.265 вакцинации, од кои 176.082 или 20 отсто од населението е вакцинирано со првата доза, а 60.183 (6,8 проценти) се рвакцинирани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.