Кина користи нова студија за раното, скриено ширење на корона вирусот во Италија за да се доведе во сомневање цврсто заснованата претпоставка дека азиската земја е родното место на пандемијата.

Како што пренесува лондонски „Тајмс“, официјални лица во Пекинг инсистираат на новата студија која сугерира дека инфекцијата можеби се проширила во европската нација уште во септември – три месеци пред да се потврди дека се шири во кинескиот град Вухан,

Кина претходно ја доведуваше во прашање и Шпанија за потеклото на пандемијата, како и американската армија, тврдејќи дека го донела вирусот во Вухан во октомври минатата година за време на Светските воени игри.

Ова уште еднаш покажува дека потрагата по изворот на вирусот е сложено научно прашање што треба да им се остави на научниците – вели портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Чао Лиџијан, наведува „Тајмс“.

Неодамнешното истражување на Институтот за тумори во Милано и Универзитетот во Сиена покажа дека Ковид-19 циркулирал во Италија на почетокот на септември 2019 година, многу порано отколку што се препоставуваше.

Светската здравствена организација призна дека е можно вирусот „да циркулирал тивко на друго место“ пред да биде откриен во Вухан.

Сепак, многу научници се скептични во однос на наодите од италијанската студија, додека други забележуваат дека таа не исклучува дека корона вирусот потекнува од Кина.

Знаеме дека Кина го одложи објавувањето на својата епидемија, па затоа не е познато кога почна таму, а Кина има многу силни трговски врски со северна Италија – вели за  „Тајмс“ Џовани Аполоне од Националниот институт за рак во Милано.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.