Австриската компанија “Hygiene Austria” која е под истрага на обвинителството за борба против криминал и корупција, затоа што кинески маски во компанијата биле препакувани и продавани како австриски, го призна илегалното работење.

При неодамнешниот претрес во просториите на компанијата, биле откриени 45 работници на црно, кои во подрумот на компанијата ги препакувале кинеските маски. Компанијата, која беше основана на почетокот на пандемијата, најпрвин ги отфрли сите обвинувања, за сега да признае дека се препакувале маски.

Истрагата беше отворена после прислушкување на телефоните на осомничени за трговија со луѓе. Било откриено дека десетина работници работеле на црно по 12 часа, седум дена во неделата.

За време на посетите на политичарите, компанијата на катот каде што бил сместен производствениот погон ги прикажувала маските кои се произведени во Австрија, додека истовремено во подрумот се препакувале кинески маски кои лажно биле претставувани како австриски.

Како што пренесуваат австриските власти, станува збор за најмалку 20 милиони маски од Кина, кои по далеку повисока цена, како австриски производ, биле продавани на австрискиот пазар.

Од компанијата, која со заштитни маски го снабдувала дури и австрискиот парламент, како и еден голем ланец на продавници, признале дека ангажирале кинеска фабрика за производство на маски, кои потоа по повисока цена за 60 до 100% ги продавале како австриски производ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.