Кинеската влада им порача на граѓаните да направат залихи со секојдневни намирници во случај да дојде до вонредни ситуации, откако короната и обилните дождови предизвикаа повисоки цени на зеленчукот и ја зголемија загриженоста за можен недостаток.

Ваквата порака од Министерството за трговија предизвика загриженост на домашните социјални мрежи. И додека некои коментираат како до ваква порака дошло поради зголемените тензии меѓу Кина и Тајван, други коментираат дека одат во набавка на основни намирници: ориз, масло и сол.

Штом дознав за оваа порака, сите постари луѓе во моја близина полудеа и почнаа панично да купуваат во супермаркет“ напиша еден корисник на Веибо, пишува Ројтерс.

Локалните медиуми исто така неодамна објавија листа на намирници и работи што треба да се имаат дома: бисквити, инстант тестенини, витамини, радио и батериски ламби.

Со оглед на тоа што пораката за залихите предизвика паника кај многу граѓани, државните медиуми потоа се обидоа да ја смират ситуацијата, пишува Ројтерс, додавајќи дека Економик дејли објави дека целта на таа порака е да се осигури дека граѓаните нема да останат без намирници доколку дојде до карантин. Тие додадоа дека корисниците на социјалните мрежи имаат премногу имагинација и претеруваат. Пиплс дејли објави дека министерството издава такви препораки секоја година, но дека годинава ја даде порано поради природните катастрофи, зголемените цени на зеленчукот и неодамнешните случаи на коронавирус.

Ројтерс пишува дека екстремните временски услови на почетокот на октомври ги уништиле посевите во Шандонг, најголемиот регион каде се одгледува зеленчук, но и новите случаи на корона се закануваат да го нарушат снабдувањето со храна. Додаваат дека цените на краставиците, спанаќот и брокулата минатата недела повеќе од двојно се зголемиле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.