Во одговорот на информацијата на американската телевизија Си-Ен-Ен, што беше објавена претходно неделава, Кина денеска соопшти дека нема истекување на радијација во нуклеарната централа Таишан и дека не го покренала прагот на прифатливо ниво на радијација во околината на централата.

Си-Ен-Ен пред два дена соопшти дека „Фраматоме”, француската компанија која ја дизајнираше централата, предупредила дека Кинеската управа за национална безбедност (ННСА) го покренала прифатливото ниво на радијација околу електраната во југоисточна провинција Гуангдонг за да се избегне нејзиното затворање.

Министерството за екологија и животна средина денеска објави дека е откриено зголемување на нивото на зрачење во примарниот круг кај реакторот Единица 1 на Таишан, но дека тоа било во рамките на параметрите за безбедно работење.

Поголемото ниво на радиоактивност е предизвикано од оштетување на мал број прачки за гориво, што е вообичаено за време на производството, транспортот и вчитувањето на горивото, соопшти Министерството на својот налог на социјалната мрежа Вичат.

Следењето на животната средина во близина на фабриката во Таишан не откри никакви абнормални параметри … што укажува на тоа дека воопшто нема протекување, соопшти министерството.

Се проценува дека околу пет од над 60.000 прачки за гориво во реакторот Единица 1 се оштетени или помалку од 0,01 отсто, што е далеку под предвидената дозволеност од 0,25 отсто, се додава во соопштението на Министерството за екологија.

Министерството соопшти дека ќе продолжи внимателно да го следи нивото на радиоактивност во реакторот Единица 1, а, исто така, ќе ја одржува комуникацијата со Меѓународната агенција за атомска енергија, како и со француското тело за надзор на нуклеарната безбедност.

Проектот Таишан, завршен во 2019 година, се состои од два реактори дизајнирани во Франција и се наоѓа на околу 200 километри од Хонг Конг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.