Кина упати остри критики за земјите што се приклучија на дипломатскиот бојкот на февруарските Зимски олимписки игри во Пекинг и истакна дека многумина политичари секако не би биле поканети, јави ДПА.

САД во понеделникот објавија дека ниту еден функционер нема да патува на Игрите во знак на протест поради наводите за прекршувања на човековите права од страна на Кина. Австралија, Велика Британија и Канада се приклучија на дипломатскиот бојкот, што не значи дека спортистите нема да учествуваат на ЗОИ.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин денеска во Пекинг изјави дека четирите земји „ќе платат цена за нивните погрешни потези“.

Користењето на Олимпијадата за политичка манипулација е „непопуларно“, рече тој.

Би сакал да нагласам дека Кина не покани ниту една од овие држави.

Нов Зеланд, исто така, информираше дека нема да испраќа дипломати на настанот што ќе се одржи од 4 до 20 февруари. И германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер соопшти дека нема да отпатува на ЗОИ, но одби да го нарече тоа дипломатски бојкот, посочувајќи дека никогаш не ни било планирано тој да присуствува.

Рускиот претседател Владимир Путин е поканет и ќе оди во Пекинг.

Кина се соочи со критики за наводни прекршувања на човековите права во односот кон Ујгурите и Тибетанците, за сузбивање на демократското движење во Хонг Конг и за заканите против Тајван.

Спортот нема никаква врска со политиката, продолжи Ванг, велејќи дека огромното мнозинство од меѓународната заедница ги поддржува Зимските игри во Пекинг

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.