Двајцата новинари на норвешката државна телевизија НРК се вратија во своите домови, откако минаа 30 часови во притвор во Катар. Норвешките новинари беа притворени затоа што известуваа за проблемите на работниците-мигранти во земјата, која идната година од 21 ноември до 18 декември ќе биде домаќин на Светското првенство во фудбал.

Катар е под засилен притисок од меѓународната јавност поради нехуман третман на странските работници ангажирани во земјата на изградба на фудбалските стадиони за потребните на Мундијалот, а организациите за заштита на човековите права посочуваат дека и покрај реформите властите во Доха треба да сторат многу повеќе на тој план.

Новинарите Халвор Екеланд и Локман Горбани беа притворени во понеделникот наутро додека известуваа во живо од мигрантски камп, а полицијата ги избришала снимките од нивните камери.

Катарските власти ги притворија новинарите под обвинение дека „упаднале на приватен имот и снимале без дозвола“, наведувајќи дека полицијата ја известил сопственикот на имотот, чиј идентитет не е објавен.

Норвешкиот премиер, Јонас Сторе, реагираше на веста за притворањето на новинарите, оценувајќи го тоа како „неприфатливо‘.

Слободата на печатот е клучно во една функционална демократија. Тоа, исто така, ја покажува важноста на овогодишното доделување на Нобеловата награда за мир (на новинари) – напиша норвешкиот премиер на својот Твитер профил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.