Илјадници Каталонци синоќа повторно излегоа на протест за одвојување на оваа покраина од Шпанија, на денот кога пред пет години беше организиран референдумот за независност на Каталонија.

Сепаратистите синоќа се собраа во центарот на Барселона и, меѓу другото, побараа и оставка од регионалната влада на премиерот Пере Арагонес, која, според нив, премногу колебливо се однесува во исполнување на предизборното ветување за формирање независна каталонска република.

Според проценките на полицијата, на протестот учествувале околу 11.000 лица.

Претседателката на сепаратистичкото граѓанско движење ANC, Долорес Фелиу, го повика Арагонес да претстави „план за постигнување независност“.

-Ако политичарите не можат да го направат тоа, ние ќе го направиме. Тие нема да можат да не спречат, рече таа.

Во меѓувреме, Арагонес соопшти дека неговата коалициска влада сè уште се залага за независност, но дека сака да обезбеди референдум во договор со централната влада.

-Одржавме референдум ( на 1 октомври 2017 година) и ќе ја натераме Каталонија повторно да гласа, тврди тој.

„Ќе го направиме тоа повторно, бидејќи многумина од нас сакаат Каталонија да биде слободна земја“, наведе Арагонес.

Шпанската влада во Мадрид го отфрла референдумот. Населението на Каталонија е поделено. Според анкетите, околу половина од населението сака независност, додека останатите не.

Пред пет години на 1 октомври, сепаратистичката регионална влада одржа референдум за отцепување што Мадрид го прогласи за незаконски. Како резултат на тоа, централната влада ја стави Каталонија под своја управа.

Тогашниот регионален шеф на владата, Карлес Пуџдемонт и некои негови колеги побегнаа во странство. Други сепаратисти беа осудени на долги затворски казни, но во 2021 година беа помилувани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.