Шеста недела по ред Велика Британија бележи смртност повисока од просечната, но најголем удел во тоа нема коронавирусот, туку другите болести. Експертите предупредуваат дека одложувањето на здравствениот третман на останатите болести повеќе од една година поради пандемијата, конечно ќе го наплати својот данок, пренесува „Дејли телеграф“.

Според Канцеларијата за национална статистика до 13 август регистрирани се 10.372 смртни случаи во Англија и Велс, што е за 1.270 случаи, или 14 отсто повеќе од петгодишниот просек. Од гореспоменатите 1.270 „вишок“ смртни случаи, 544 може да се припишат на ковид, додека останатите се заведени под други болести и причини.

Податоците од Англискиот систем за јавно здравје (PHE) сугерираат дека е забележано значително зголемување на срцеви заболувања, дијабетес и цироза, а експертите тврдат дека болестите кои не биле соодветно третирани изминатава година и повеќе, што поради одложени или откажани операции, што поради одложени прегледи за да не се оптоварува здравствениот систем – почнуваат да резултираат со смрт.

Професор Карл Хенеган, директор на Центарот за медицина базирана на докази на Универзитетот Оксфорд, рече дека британските власти треба да бидат загрижени за долгорочното зголемување на смртноста и дека треба да започнат истрага за причините за толку висока смртност кај луѓе без ковид.

Mислам дека сега ги гледаме последиците од сите одложувања и нарушувања во превенцијата, рече тој.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.