По повлекувањето на лидерот на Австриската народна партија и поранешен канцелар Себастијан Курц од политиката, премиерското место треба да го преземе досегашниот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер.

Самиот Нехамер, пред новинарите во Виена, потврди дека претседателството на Австриската народна партија едногласно го избрала вршител на должноста партиски лидер и кандидат за иден канцелар.

По повлекувањето на Себастијан Курц, вчера и неговиот наследник, австрискиот канцелар Александер Шаленберг поднесе оставка. По обвинувањата за корупција против Курц, Австриската народна партија спроведува обнова во своите редови.

За мене лично е голема чест што добив толкава доверба – изјави Нехамер.

Според него, Шаленберг ќе се врати на својата претходна функција – министер за надворешни работи, со оглед што „одлично ја извршувал“.

Нехамер најави и други промени во владиниот кабинет. Функцијата министер за внатрешни работи теба да ја преземе Герхард Карнер, нов министер за финансии треба да биде Магнус Брунер, а за образование Мартин Полак.

Номинацијата на Нехамер треба да ја потврди австрискиот претседател Александер ван дер Белен, но тоа се смета за формална работа. Австриската новинска агенција АПА јави дека полагањето заклетва на Нехамер и неговите министри ќе биде в понеделник.

49-годишниот Нехамер ќе биде петти австриски канцелар од 2016 година наваму.

Екс канцеларот Курц објави неочекувано целосно повлекување од политиката, образложувајќи го со тековната истрага против него за корупција, но и со раѓањето на неговиот син пред една недела. Курц изјави дека со нужната одбрана од низа обвиненија, подметнувања и тековни истражни постапки, неговата страст за политика осетно се намалила.

Курц на 9 ноември поднесе оставка од канцеларската функција по подигнатите обвинувања за проневера и подмитливост. Му се префрла дека неговиот тим го поттикнал неговиот подем во 2016 година преку фризирани анкети на јавното мислење и купени извештаи во медиумите. За возврат, високи суми, од кои дел и пари од данокот на граѓаните биле исплатени во форма на реклами во одделни медиуми.

И министерот за финансии Гернот Блимел, близок соработник на Курц, синоќа најави повлекување од политиката, укажувајќи и на добиени закани со смрт против неговото семејство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.