Гафот на Армин Лашет, кандидатот за канцелар на Германија од ЦДУ/ЦСУ, кој погрешно го свитка своето гласачко ливче и со тоа откри дека гласал за самиот себеси, предизвика бурни рекации на социјалните мрежи, а се полемизира и дали неговото гласачко ливче треба да биде неважечко.

„Кандидатот за канцелар е толку глупав што не може исправно да го свитка гласачкото ливче. А тој би требало да владее и да не претставува нас во странство? Путин, Си Џипинг и Ердоган умираат од смеа“ – пишува корисник на Твитер.

Друг Твитер корисник, пак, пишува „Добро е што Германија нема атомски бомби, па луѓето како Лашет не можат случајно да внесат картичка со кодови и да ја активираат. Всушност Лашет би бил идеален канцелар за твитови во следните четири години“.

Други пак се прашуваат како можел да си дозволи да направи такво нешто „дали е малку неспособен или едноставно мора да биде канцелар“.

Изборниот закон предвидува дека изборната комисија мора да го прогласи за неважечко ливчето кое е свиткано на таков начин што гласот е препознатлив, пишува „Билд“.

Поништувањето не значи дека Лашет го губи правото на глас, туку дека гласачкото ливче му се поништува и мора повторно тајно да гласа.

Сепак според последните информации, неговиот глас е признат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.