Премиерот Борис Џонсон не сакаше да се заострат мерките кога минатата есен имаше зголемување на инфекциите на коронавирус, бидејќи веруваше дека повеќето од тие што умираат се на возраст над 80 години, изјави за Би-Би-Си Доминик Камингс, поранешен главен советник на британскиот премиер.

Камингс, исто така, кажа дека премиерот му испратил порака во која навел дека „веќе не им верува на претерувањата на британската Национална здравствена служба (НХС)“ и додаде дека Џонсон повеќе сакал вирусот да мине низ популацијата отколку да се уништи економијата.

Портпаролот на британската Влада реагираше на овие тврдења на Камингс.

За време на пандемијата, премиерот ги презеде нужните мерки за заштита на животите и економијата, следејќи ги најдобрите научни совети. Да потсетиме, властите воведоа три национални заклучувања и со тоа спречија распаѓање на здравствениот систем, рече портпаролот.

Минатото лето дојде до нагло намалување на бројот на нови инфекции во Велика Британија, но повторно почна да растат со почетокот на есента.

Камингс за Би-Би-Си изјави дека тој и главниот научен советник во Велика Британија, Патрик Валенс, како и главниот медицински офицер во Англија, Крис Вити, уште од средината на септември се залагале за поостри мерки, но дека Џонсон велел: „Не, не, не, не, не, не, не се согласувам на тоа.”

Во октомври минатата година секој ден умираа повеќе од сто лица во Велика Британија. Лидерот на лабуристите Кир Стармер тогаш побара локдаун од две до три недели, но владата беше против тоа.

Камингс ја обвини владата дека е одговорна за илјадници смртни случаи од Ковид-19, споделувајќи ги со јавноста октомвриските пораки што Џонсон наводно им ги испраќал на соработниците.

Џонсон во пораката испратена на 15 октомври напишал дека е „малку потресен од некои податоци за смртност на случаити со Ковид-19“.

Средната возраст за умирање е меѓу 81 и 82 година за мажите и 85 години за жените. Тоа е над очекуваниот животен век. Значи, ако добиете Ковид-19, ќе живеете подолго. Тешко дека некој на возраст под 60 години ќе заврши во болница, а и во тој случај ќе преживее. И веќе не верувам во сите овие претерувања на НХС. Луѓе, мислам дека треба да ги средиме работите. Имаме повеќе од три милиони лица постари од 80 години во земјата. Тоа значи дека нема национален локдаун, напишал Џонсон во пораката што ја покажал Камингс.

Но, потоа, на 31 октомнври, премиерот најави тринеделно затворање на Англија,изјавувајќи дека е неопходно да се заштити НХС бидејќи бројките сугерираат дека бројот на жртви може да достигне „неколку илјади дневно“, доколку не се воведат „сериозни мерки“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.