Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, пред Генералното собрание на ОН побара итно продолжување на преговорите меѓу Cеверна Кореја и САД за програмите на Пјонгјанг за нуклеарно и балистичко оружје, кои беа прекинати од 2019 година.

Повикот на јужнокорејскиот претседател доаѓа една недела откако Cеверна Кореја лансираше балистички ракети.

Мун Џае-ин, во говорот за време на годишната сесија на Генералното собрание на ОН, изјави дека се надева дека Корејскиот Полуостров ќе ја види силата на дијалогот и ќе доживее соработка што може да изгради мир во регионот.

Откако Cеверна Кореја на 15 септември лансираше две балистички ракети кон морето, официјален Сеул одговори со лансирање балистичка ракета од јужнокорејска подморница која стана седма сила во светот со таа најсовремена технологија.

Официјален Вашингтон, кој е најголемиот сојузник на Сеул, ги осуди лансирањата на Cеверна Кореја, но не и јужнокорејското, па Пјонгјанг ги обвини САД за двојни стандарди.

Против Cеверна Кореја досега се воведени серија меѓународни санкции поради нејзината програма за нуклеарно оружје и балистички ракети.

Нуклеарните преговори со Вашингтон беа прекинати по неуспехот на самитот во Ханој во февруари 2019 година меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.