Судот во Сеул донесе пресуда во средата со која му се наложува на севернокорејскиот врховен лидер Ким Џонг-ун дека треба да обештети двајца воени затвореници кои со децении биле принудени да работат во логори во Северна Кореја.

Ова е за прв пат Јужна Кореја да потврди ваква надлежност над Пјонгјанг и официјалните лица таму.

Имено, двајца мажи, на возраст од 87 и 90 години, тврдат дека биле заробени за време на Корејската војна и никогаш не успеале да се вратат по мировниот договор во 1953 година. Во Северна Кореја, наводно, биле принудувани да работат во логори како рудари за јаглен се додека не успеале да избегаат преку Кина, речиси 50-на години подоцна.

Судот во Сеул му нареди на Ким да ги обештети двајцата мажи со по 21 милиони вони (17.500 американски долари) секому за претрпена „огромна душевна и физичка штета“.

Претходно оваа недела, Северна Кореја одби да се сретне со претставникот од Соединетите држави за прашањето на корејската криза, иако нејзините јужни соседи побараа ваков самит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.