Клаус Јоханис е реизбран за претседател на Романија, откако оствари убедлива победа во вториот круг против лидерката на Социјалдемократската партија Вјорика Данчила.

Според 88 проценти од преброените гласови, Јоханис освои 63,2 проценти од гласовите, а досегашната премиерка Данчила 36,8 проценти.

Романија победи ! Денеска победи европска, нормална Романија ! Романците се херои на денот. Тие излегоа да гласаат во импресивен број  – изјави Јоханис од седиштето на Националната либерална партија, по објавувањето на излезните анкети кои ја прогнозираа неговата победа.

Јоханис (60), кој пред да влезе во политиката беше професор по физика во средно училиште, рече дека победата ја прифаќа со „радост, благодарност, скромност и верба во Романија“.

Излезноста во вториот круг изнесуваше 49,87 проценти, што претставува намалување од 53,17 проценти колку што гласаа во 2014 година.

Сега, по оваа победа, има многу работи што треба да се направат, многу работи треба да се поправат. Ова е значаен пораз за Социјалдемократската партија, но мора да бидеме реални. Освоивме важна битка, но војната допрва треба да се победи. Мора да гласаме и на локални и парламентарни избори – рече Јоханис.

Јоханис рече дека само откако Социјалдемократската партија ќе биде испратена во опозиција, ќе биде можно да се направи она што го бараа Романците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.