Шефот на европската дипломатија, Хосеп Борел, се огради од изјавите на словенечкиот премиер Јанез Јанша, преку кои тој изрази поддршка за опозиционерска иранска група, посочувајќи дека тоа не е став на ЕУ.

Словенечкиот премиер се обрати пред претставници на опозиционерска иранска група во егзил, Народни муџахедини на Иран (МЕК), при што изјави дека Техеран е виновен за нарушување на човековите права и за тоа треба да одговара.

Официјален Техеран ја повика на разговори словенечката амбасадорка во Иран, а денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Хосеп Борел, нагласи дека и изјавите на Јанша, и покрај тоа што Словенија раководи со претседателството на ЕУ во овој момент, не се дадени во име на ЕУ. Борел вчера телефонски разговарал и со иранскиот министер за надворешни работи, кому му ја пренел истата порака.

Му реков дека позицијата на поединечни премиери дури и кога го водат претседателството на ЕУ не ги претставуваат позициите на ЕУ, кога станува збор за надворешна политика во име на ЕУ зборува претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел или високиот претставник, јас, кога е на министерско ниво – разјаснил Борел.

Тој истакна дека надворешната политика останува национална надлежност на земјите членки и дека тие имаат право да имаат различна позиција од таа на другите членки на ЕУ, како што беше неодамна случај со изјавите на унгарскиот државен врв за Кина.

Истото се случи и овде, само е различен премиер од различна земја, но ситуацијата е иста, ако ме прашувате дали е позиција на ЕУ или дали ја претставува позицијата на ЕУ, одговорот е дефинитивно не – додаде шефот на европската дипломатија.

Борел нагласи и дека ЕУ има балансиран однос кон Иран, сочинет делумно од политички притисок кога е потребно, а делумно од соработка, на пример во делот на нуклеарниот договор со оваа земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.