Ирак објави дека коалицијата предводена од САД, која се борела против екстремистичката Исламска држава ја завршила својата борбена мисија и ја напуштила земјата.

Мисијата на коалицијата сега е ограничена на советување и поддршка на Стратешкиот дијалог –  соопштила ирачката влада.

Во соопштението се додава дека во Ирак повеќе нема странски борбени единици.

Претходно оваа година, Ирак и САД се согласија дека коалициските сили повеќе нема да извршуваат борбени мисии.

И од коалицијата против ИД потврдија дека нејзината борбена мисија во Ирак е завршена и отсега ќе дава совети за ирачката армија и Пешмерга, како што се нарекуваат безбедносните сили на автономната ирачка провинција Курдистан.

Со крајот на нашата борбена улога, гордо ќе ја извршиме мисијата #AdviseAssistEnable за ирачките безбедносни сили (ИСФ) и Пешмерга како поканети гости во Република Ирак – објави коалицијата на Твитер.

Алијансата за борба против ИД е основана откако радикалната група освои големи делови од северен Ирак и соседна Сирија со прогласување калифат.

Во меѓувреме, ИД ја загуби освоената територија, но се уште е активна и извршува напади во двете земји.

Ирак прогласи победа над ИД во декември 2017 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.