Основачката на опознатата американска компанија „Теранос“, Елизабет Холмс, е осудена на повеќе од 11 години затвор за измама на инвеститорите во нејзиниот старт-ап за тестирање на крвта, кој некогаш беше проценет на 9 милијарди долари. Поранешната ѕвезда од Силиконската долина лажно тврдеше дека технологијата може да дијагностицира болест со само неколку капки крв.

38-годишната Холмс, која е бремена, низ солзи, пред судот изјави дека чувствува „длабока болка“ за оние кои биле заведени од измамата.

Се очекува Холмс да поднесе жалба на казната, која беше изречена од судот во Калифорнија.

Некогаш оценета како „следниот Стив Џобс“, едно време се велеше дека е најмладата само-направена милијардерка во светот.

Таа го лансираше „Теранос“ откако го напушти Универзитетот Стенфорд на 19-годишна возраст, а неговата вредност нагло се зголеми откако компанијата тврдеше дека може да донесе револуција во дијагнозата на болести.

Но, технологијата што ја промовираше Холмс не функционираше и откако беше преплавена со тужби, компанијата беше распуштена до 2018 година.

На судењето на Холмс во Сан Хозе, Калифорнија, обвинителите рекоа дека таа свесно ги заведувала лекарите и пациентите за водечкиот производ на „Теранос“ – машината „Едисон“ – за која компанијата тврдеше дека може да открие рак, дијабетес и други состојби користејќи само неколку капки крв.

Тие, исто така, ја обвинија Холмс дека многу ги преувеличувала перформансите на фирмата пред нејзините финансиски поддржувачи.

Поротниците на крајот ја прогласија за виновна по четири точки од обвинението за измама, со максимална казна од 20 години затвор. Но, тие ја прогласија за невина по четири други обвиненија, а не успеаја да донесат пресуда за уште три.

Пред судијата Едвард Давила да ја изрече казната, Холмс прочита говор пред судот во кој со солзи им се извинува на инвеститорите и пациентите.

Уништена сум од моите неуспеси. Чувствував длабока болка за она низ што поминаа луѓето, затоа што ги изневерив. Се каам за моите неуспеси со секоја клетка од моето тело“, изјави таа.

Судијата ја нарече Холмс „брилијантен“ претприемач и ѝ рече: „Неуспехот е нормален. Но, неуспехот со измама не е во ред“.

Од неа се бара да се појави на издржување на казната на 27 април.

Холмс и Рамеш „Сани“ Балвани, нејзиниот поранешен деловен партнер и љубовник, беа обвинети во 2018 година за жичана измама. Балвани, кому му се судеше одвоено, летово беше прогласен за виновен за измама. Нему ќе му биде изречена казна следниот месец.

Обвинителите побараа таа да се соочи со 15 години затвор и да плати околу 800 милиони долари како надокнада на инвеститорите, вклучително и неколку личности од висок профил, како што се поранешниот американски секретар за одбрана Џејмс Матис, кој сведочеше против неа на судењето, и софтверскиот тајкун Лери Елисон.

Но, тимот за одбрана на Холмс, кој тврдеше дека таа била добронамерна и се обидувала да им помогне на луѓето, изјави дека таа треба да помине 18 месеци во домашен притвор.

Судијата во петокот утврди дека таа предизвикала загуба од 121 милиони долари на инвеститорите, вклучително и Руперт Мардок и семејството кое е сопственик на „Волмарт“. Сумата која ќе треба да ја врати ќе биде утврдена на подоцна судско рочиште.

Над 130 пријатели, семејство и поранешни вработени во Теранос му пишаа на судијата да апелираат за помилување.

Групата забележа дека Холмс е млада мајка. Таа доби син во јули 2021 година и моментално е бремена со своето второ дете.

Не се знае кога треба да се породи. Се очекува нејзините адвокати да се обидат да спречат да влезе во затвор до раѓањето на бебето.

Нејзиниот партнер Били Еванс, во неговиот меморандум за пресудата до судот, му рекол на судијата дека се плаши за „иднината во која мојот син ќе порасне со врска со неговата мајка од другата страна на стаклото чувана од вооружени чувари“.

Ајлин Лепера, секретарка од Силиконската долина која изгубила дел од својата животна заштеда инвестирајќи во „Теранос“, за Би-Би-Си изјавила дека е „среќна“ со казната.

Мислам дека е фер, имајќи ги предвид сите факти на случајот. Таа [Холмс] знаеше дека тоа е измама и ги доведе во опасност животите на луѓето“, изјави г-ѓа Лепера.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.