Израелското разузнавање открило „невообичаено присуство“ на руски бомбардери во близина на финската граница, пишува „Џерусалим пост“.

Сателитските снимки од ImageSat International сугерираат дека руските стратешки бомбардери ТУ-160 и ТУ-95 се сместени во воздухопловната база Олени недалеку од финската граница. Според нивните сателитски снимки, четири ТУ-160 биле откриени на 21 август, а три ТУ-95 на 25 септември, додека во воздухопловната база на 12 август немало стратешки бомбардери.

Воздухопловната база Олени се наоѓа на полуостровот Кола, во близина на Мурманск. Во оваа база е сместена руската северна флота, како и значително количество оружје и воена опрема, вклучувајќи тактичко и стратешко нуклеарно оружје.

Портпаролот на украинското воено разузнавање Вадим Скибицки во интервју за Гардијан изјави дека Киев ја смета за „многу висока“ заканата од Москва да користи тактичко оружје против земјата.

Според него, тактичките напади најверојатно би биле насочени кон локации долж линијата на фронтот каде што се наоѓаат голем број луѓе, опрема, како и командни центри и критична инфраструктура.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.