Израел одобри и втора „бустер“ доза за лицата со ослабнат имунитет

Свет 30.12.2021 / 23:12

Израел одобри втора засилувачка доза на вакцината против Ковид-19 за високоризични групи, изјави денеска највисокиот здравствен функционер во земјата.

Една израелска болница во понеделникот им дала четврта доза на контролна група, како дел од првата голема студија за влијанието на втората засилена вакцинација врз запирањето на ширењето на омикрон варијантата на коронавирусот. Резултатите се очекуваат во рок од две недели, пренесува Ројтерс.

Израел беше лидер во кампањата за вакцинација пред една година и беше меѓу првите земји што воведоа засилувачки дози на вакцината.

Загрижени за брзото ширење на омикрон варијантата на вирусот, израелското Министерство за здравство минатата недела препорача четврта доза од вакцината Pfizer / BioNTech за здравствените работници и оние над 60 години со слаб имунолошки систем.

Но, директорот на министерството Нахман Еш, чие одобрение е потребно за да се започне кампања за вакцинација со втор бустер, не донел итна одлука. Некои експерти посочуваат дека засега нема доволно научни податоци за да се оправда четвртата доза.

На денешната прес-конференција, Еш рече дека четвртата доза засега ќе им биде понудена само на оние со слаб имунитет, како што се пациентите со рак, и дека истражувањето за потребата од проширување на таа кампања ќе продолжи.

Поради јазот во знаењето во светот за моменталната ситуација, ние постапуваме внимателно и одговорно“, рекол Еш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.