Од Кабинетото на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, соопштија дека Израел нема да соработува со Меѓународниот кривичен суд (МКС) во рамки на истрагата за наводни воени злосторства извршени на палестинските територии.

Израел одлучи да не соработува со МКС. Судот нема легитимитет да почне истрага против Израел. Премиерот Нетанјаху истакнува дека додека израелски војници се борат против терористите, кои вршат воени злосторства, судот во Хаг одлучи да го осуди Израел – се наведува во соопштението.

Во него се додава дека за одредување на оваа реакција, Нетанјаху се консултирал со високи безбедносни и политички функционери.

Обвинителката од Судот, Фату Бенсуда, почна истрага за наводни воени злосторства на палестинските територии на почетокот на март, по што Израел ја отфрли иницијативата, додека Палестинците ја поздравија.

Израел не е член на МКС, а палестинските власти се. Според системот на МКС, една држава може, ако сака, да се обиде да докаже дека сама покренала истрага за кривично дело и со тоа да побара од МКС да ја преземе истрагата.

На 19 март, судот им даде на Израел и Палестинците еден месец да побараат одложување на истрагата.

Истрагата би требало да се занимава со големата израелска офанзива во Појасот Газа, контролиран од палестинското исламистичко движење Хамас. Целта на офанзивата, според Израел, била да се запрат палестинските ракетни напади и да се уништат тунелите од палестинската енклава, која е под блокада на Израел од 2006 година.

Во војната досега загинаа околу 2.250 Палестинци, претежно цивили, а од израелска страна загинаа 74, претежно војници.

МКС е единствениот постојан трибунал за воени злосторства во светот основан во 2002 година за судење на најлошите злосторства во светот кога локалните судови не сакаат или не можат да постапат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.