Пожарот во Богородичната црква во Париз е ставен под контрола околу три часот наутро и веќе нема опасност од негово ширење, иако огнот сѐ уште тлее на некои места.

Претседателот на Франција Емануел Макрон порача дека катедралата ќе биде обновена и дека ќе покрене меѓународна кампања за собирање средства. Милијардерот Франсоа-Анри Пино, извршен директор на компанијата која е сопственик на модните брендови „Гучи“ и „Ив Сен Лоран“, кажа дека ќе донира 100 милиони евра.

Повторно ќе ја изградиме катедралата во наредните години. Тоа е она што Французите го очекуваат и она што историјата го заслужува“, изјави Макрон.

Катастрофалниот пожар што избувна вчера околу 18.50 часот целосно го уништи средновековниот покрив и урна една од препознатливите кули, но катедралата стара 850 години беше спасена од целосно уништување по неколкучасовните напори на пожарникарите. Тие, исто така, успеаја да спасат непроценливи реликвии и уметнички дела од внатрешноста на катедралата, кои привремено ќе бидат сместени во музејот „Лувр“.

Обвинителството отвори истрага за пожарот, но полицијата кажа дека тој најверојатно почнал случајно во поткровјето и го поврза со скапиот процес на реновирање на катедралата.

Еден пожарникар е повреден во акцијата на гаснењето, но не е во животна опасност.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.