Јапонската Либерално-демократска партија (ЛДП) и премиерот Фумио Кишида најверојатно ќе претрпат слаб резултат на изборите за Долниот дом во текот на викендот, но сепак, се очекува коалициската влада да ја задржи власта.

Спроведените анкети во земјата покажуваат дека изборите се сериозен тест за ЛДП, чиј имиџ е нарушен поради лошиот одговор на пандемијата на корона вирусот, а потпирањето на еднопартиското мнозинство во моќниот Долен дом може да биде тешко.

Кишида стана премиер на почетокот на октомври и владееше само нешто повеќе од една недела пред да го распушти парламентот, надевајќи се дека ќе ја фати опозицијата неподготвена со брзи избори, наместо, како што се очекуваше, да го искористи периодот на „меден месец“ што вообичаено им се гарантира на новите влади.

Некои аналитичари веруваат дека со овој потег Кишида нема ништо да добие, а сметаат и дека ризикува да биде разрешен доколку дојде до значително губење на местата за ЛДП на изборите за Горниот дом следната година. Со загуба од 30 или повеќе места, Кишида може да биде во неволја.

Неодамнешните избори беа за карактерите, за одредено „лице“, но сега ниту коалицијата, ниту опозицијата, всушност го немаат тоа. Уште повеќе што ваквите избори вобичаено се пресуда за владата која е на власт, но владата на Кишида всушност траеше само десет дена пред распуштањето на парламентот и за тоа навистина не може да се гласа – смета политичкиот коментатор, Ацуо Ито.

Излезноста ќе биде клучна, со високи бројки што би требало да одат во корист на опозицијата, но анкетите покажуваат дека излезноста би можела да биде само малку поголема од повоената рекордно ниска излезност од 52,66 отсто во 2014 година.

Кишида постави коалициска цел да освои мнозинство од 233 места во Долниот дом со 465 места, што е многу помалку од 276 места што самата ЛДП ги имаше пред да се распушти Долниот дом.

Дневните весници „Никеи“ и „Јомиури Шимбун“ денеска објавија анкети кои покажуваат дека на ЛДП можеби и ќе и биде тешко да задржи 233 места, но неговиот помлад коалициски партнер, Комеито, треба да и помогне на коалицијата да го задржи парламентарното мнозинство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.