Италијанските власти соопштија дека спроведените истражувања покажале дека не постои врска меѓу вакцината на „АстраЗенека“ и неколкуте смртни случаи што се случија по аплицирање на првата доза.

Ниту во еден од трагичните случаи не е пронајдена врска меѓу имунизацијата и смртта што настапи по неколку часа или денови од примање на доза од вакцината.

Тоа е потврдено со аутопсија на телата на починатите, двајца професори, двајца карабињери и 50-годишно лице кое работело како помошен персонал во едно училиште.

Семејството на професорот по музика, Сандро Тоњати, кој почина од инфаркт 17 часа од вакцинирањето, преку адвокат соопшти дека „имаат целосна доверба во медицината и науката“.

Во Италија со големо внимание се очекува извештајот на Европската агенција за лекови (ЕМА) за безбедноста на анти-ковид вакцината на „АстраЗенека“ чија употреба е привремено суспенидрана во неколку држави во Европа.

Медиумите потсетуваат дека суспензијата на шведско-англиската вакцина следеше по соопштението на германската агенција за лекови за можна врска на седум специфични случаи со тромбоза со примена вакцина и смртен исход.

Италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, и покрај суспензијата, истакна дека верува во исправноста на вакцината на „АстраЗенека“ и тврди дека од денеска ќе продолжи нејзината примена во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.