Италијанскиот регион Јужен Тирол презема построги мерки за борба против пандемијата на коронавирус, од кои една е полициски час во 20 општини со неповолна епидемиолошка состојба. Гувернерот Арно Компатчер потпишал декрет со кој стапува на сила веднаш и го прави задолжително носењето маски на отворено доколку не е можно да се одржи растојание од еден метар, додека патниците во јавниот превоз мора да имаат маски FFP2.

Провинцијата во северниот дел на Италија во која главно се зборува германски јазик, која Италијанците ја нарекуваат Алто Адиџе, одлучи да воведе полициски час од 20 до 5 часот наутро во 20 црвени општини со висока стапка на инциденца и ниска стапка на вакцинација.

Новите мерки ќе стапат на сила во следните две недели.

Во црвените општини на луѓето им е дозволено да излегуваат на работа или за итни случаи, се додава.

Кафулињата и рестораните мора да бидат затворени до 18 часот. Во хотелите ќе може да се послужуваат гости и после тоа време. Забрането е танцување во дискотеки и одржување јавни културни, рекреативни и спортски настани во затворен простор.

Воведените мерки не се однесуваат на градинките и училиштата.

Компатчер веќе побарал од владата во Рим да им дозволи на регионите сами да воведат построги мерки против коронавирусот во одредени случаи.

Италијанските власти вчера објавија нешто повеќе од 6.400 нови инфекции и 70 жртви во изминатите 24 часа.

Околу 87 отсто од италијанското население над 12 години примиле најмалку една доза од вакцината.

Министерот за здравство Роберто Сперанза вчера објавил дека засилената доза од вакцината може да се прими пет месеци по втората доза, односно целосна вакцинација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.